Состојбата со шверцот на семенски материјал е алармантна бидејќи казните се ниски, па на шверцерите им останува заработка и откако ќе ги платат, се жалат земјоделците. Околу 1 милион денари за еден месец легнале на сметка на државниот буџет на име глоби наплатени од контроли на Земјоделската инспекција. Најмногу казнети има во Кавадарци, втори на листата се гевгеличани, а не е мал и бројот на фирми и граѓани во Прилеп што не работеле по законите, чие спроведување го контролира Земјоделскиот инспекторат. Во извештајот за минатиот месец стои дека најмногу глоби се наплатени за недозволена трговија за семе и саден материјал, производи за заштита на растенијата и узурпација на земјоделско земјиште и недозволено ловење риба...
Состојбата со шверцот на семенски материјал е алармантна бидејќи казните се ниски, па на шверцерите им останува заработка и откако ќе ги платат, се жалат земјоделците
Околу 1 милион денари за еден месец легнале на сметка на државниот буџет на име глоби наплатени од контроли на Земјоделската инспекција. Најмногу казнети има во Кавадарци, втори на листата се гевгеличани, а не е мал и бројот на фирми и граѓани во Прилеп што не работеле по законите, чие спроведување го контролира Земјоделскиот инспекторат.
Во извештајот за минатиот месец стои дека најмногу глоби се наплатени за недозволена трговија за семе и саден материјал, производи за заштита на растенијата и узурпација на земјоделско земјиште и недозволено ловење риба.
- Нашите инспектори се постојано на терен и вршат контроли не само по граничните испостави туку и по земјоделските аптеки. Се контролираат и правните земјоделски субјекти, доделувањето на субвенциите, трговијата со саден материјал и добиточна храна. Се прават записници, се носат решенија и се поведуваат барања за прекршочна постапка и се казнуваат сите оние што не работат по законот - вели Ванчо Димитриев, директор на Земјоделската инспекција.
Според него, во јуни се направени речиси 2.000 контроли, исто толку записници, а поднесени се педесетина барања за прекршочна постапка. Во инспекторатот објаснуваат дека нивните инспектори се постојано на терен, но малверзации од страна на трговците и производителите постојано има.
- Кај рибокрадците, покрај рибата, се конфискува и ловниот алат, како мрежи, пента, резервоари за бензин, чамци и мотори за чамци - вели Димитриев.
Во извештајот стои дека инспекторите отстраниле од промет различни средства за заштита на растенијата, околу 3.000 овошни садници, а не е мала бројката и на производи што се декларирани како органски, но немаат сертификат за такво производство.
- Инспекторатот го контролира и квалитетот на виното. Земени се мостри од речиси сите винарски визби - велат во инспекторатот.
Земјоделците велат дека состојбата со шверцот на семенски материјал е алармантна бидејќи казните се ниски, па на шверцерите им останува заработка и откако ќе ги платат.
Инспекторите посочуваат на многубројни примери кога во пакување од препарат кој се користи кај нас наоѓаат препарати најчесто од Србија и од Бугарија, кои се прошверцувани во државава. Во Федерацијата на фармери на Македонија велат дека и покрај работењето на инспекторите на терен, трговците продолжуваат со малверзации, од кои најповредени излегуваат земјоделците.
- Купуваме квалитетни и скапи семиња на компир или на пиперки, некои од нас дури одат дотаму што земаат кредити за нови лозови и овошни насади, купуваат садници, а кога ќе дојде терминот за берба, излегува дека наместо увозната сорта што сте ја барале, сте купиле нешто што кај нас и без пари го има на секоја нива - велат земјоделците.
За да се спречи шверцот со земјоделски препарати, семиња, неквалитетни ѓубрива и слично, државата го донесе Законот за државниот инспекторат за земјоделство, со кој земјоделските инспектори добиваат овластувања како полицајци. Во овој закон доследно е имплементиран Законот за прекршоците, прекршочната постапка, постапката за порамнување и посредување со која е предвидена глоба која е зголемена и изнесува од 3.500 до 5.000 евра во денарска противвредност за сторен прекршок на правното лице. Физички лица ќе плаќаат глоба од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност.